Познатата слика која се повторува со месеци наназад, да се намалува банкарското кредитирање за компаниите, го одбележа и октомври. Најновите податоци на Народна банка на Македонија покажуваат дека во десеттиот месец од годинава сумата на одобрени заеми за бизнисот паднала за нови 4,6 милиони евра, откако претходно, во септември, минусот изнесуваше два милиона. Во споредба со јули, односно за четири месеци, кредитирањето на компаниите е намалено за 13,4 милиони евра. Банкарите со кои разговаравме велат дека банкарскиот сектор се' уште е внимателен, но како што ќе продолжува заздравувањето на економијата, така ќе расте и кредитирањето на компаниите. Некои од банките во своите биланси и за октомври регистрирале зголемување на заемите за фирмите.
Познатата слика која се повторува со месеци наназад, да се намалува банкарското кредитирање за компаниите, го одбележа и октомври.
Најновите податоци на Народна банка на Македонија покажуваат дека во десеттиот месец од годинава сумата на одобрени заеми за бизнисот паднала за нови 4,6 милиони евра, откако претходно, во септември, минусот изнесуваше два милиона. Во споредба со јули, односно за четири месеци, кредитирањето на компаниите е намалено за 13,4 милиони евра.
Банкарите со кои разговаравме велат дека банкарскиот сектор се' уште е внимателен, но како што ќе продолжува заздравувањето на економијата, така ќе расте и кредитирањето на компаниите. Некои од банките во своите биланси и за октомври регистрирале зголемување на заемите за фирмите. „Конкретно кај НЛБ Тутунска банка во октомври имаше пораст на одобрените кредити за компаниите за 10 милиони евра. Но, претходно кредитирањето беше значајно помало“, вели Ѓорги Јанчевски, претседател на Управен одбор на НЛБ Тутунска банка и прв човек на Здружението на банкарство. Според него, банката до крајот на годинава очекува уште поголем пораст на кредитирањето на бизнис-секторот.
Добрите проекти и компании и сега добиваат заеми, но тоа не важи за фирми кои се во лоша состојба. „Често има коментари од типот дека банките, со тоа што не одобрувале кредити, го задушувале бизнис-секторот. Но, како да и' се даде кредит на фирма која е веќе удавена“, прашуваат некои од банкарите.
Според нив, воздржаност во поглед на кредитите постои не само кај банките, туку и кај компаниите, а главната причина се се' уште присутните ризици. „Ни се случува да и' одобриме кредит на некоја компанија, но таа или да го одложи неговото повлекување и користење или да го откаже. Тоа е она нормално домаќинско размислување кај бизнисмените, во смисла дали е добро сега да се почне со одреден проект, или да се почека“, објаснува Јанчевски.
А за граѓаните сме сведоци на своевидна банкарска „треска“ за тоа кој повеќе ќе ги кредитира, а и тие не ги „одбиваат“ нивните заеми. Па така, само во октомври населението се задолжило со нови 16,6 милиони евра.
Причина зошто повеќе банките ги преферираат граѓаните е нивната далеку поголема дисциплина во раздолжувањето, наспроти фирмите, што го покажува далеку помалиот процент на лоши заеми кај населението.
Кога станува збор за нефункционалните кредити, тие во октомври повторно пораснале и достигнале близу 428 милиони евра, или 11,6 отсто од вкупното кредитно портфолио во земјава.
Што се случува, пак, со депозитите во домашните банки?
Ако до пред неколку месеци компаниите ги повлекуваа своите пари од банкарските сметки, сега се случува обратен процес - растат депозитите на фирмите во домашните банки. Најновите податоци на НБМ за октомври говорат дека за само еден месец депозитите на компаниите се зголемиле за нешто повеќе од 22 милиона евра, достигнувајќи ниво од 892 милиона евра. Овој тренд на раст многу поскромно почна од август годинава откако претходно неколку месеци едноподруго драматично високи суми компаниите повлекуваа од своите сметки во домашните банки.
Банкарите велат дека главна причина за сегашниот пораст е подобрувањето на економската состојба. „Познато е дека во првите два квартала економијата во земјава оствари раст, што се очекува дека ќе продолжи и во втората половина од годинава. Тоа се рефлектира и кај депозитите на компаниите, односно ако тие заздравуваат, растат и нивните депозити“, вели Јанчевски. Растот на депозитите, секако, е значаен сигнал дека се подобрува ликвидноста на домашниот бизнис.
И додека фирмите во земјава во октомври депонирале во банките над 22 милиона евра, граѓаните, кои во принцип важат за непоколебливи штедачи, во банките вложиле значајно послаба сума пари, нецели 6 милиони евра. Тоа е помал месечен раст на штедните влогови на домаќинствата од претходните месеци, на пример, во септември имало зголемување на граѓанските штедни влогови за 10 милиони евра.
Вкупните депозити во октомври се искачиле до 4,14 милијарди евра, зголемувајќи се за 18 милиони евра за еден месец.